Драги гости, се обидовме да обезбедиме групно сместување за вас, но за жал не ни успеа.
Меѓутоа, имаме неколку препораки базирани на наши претходни патувања на Ибица и на сугестии од пријатели кои живеат или често го посетаат островот.
Градот Ибица
Градот Ибица е главен град на островот и задолжително место за посета за време на вашиот престој. Ние уживаме да шетаме низ тесните улички на Далт Вила (Стариот град), со своите традиционални куќи, со тврдината и со неверојатните погледи. До пристаништето ќе најдете модерни барови, ресторани и бутици кои се одлична можност да ја впиете живата атмосфера. Без разлика дали сте расположени за познатиот ноќен живот на Ибица или само сакате да истражувате, градот Ибица има од сѐ по нешто за секого. Тој е совршена мешавина на историја, култура и забава! Затоа, ако планирате да дојдете само за викенд, од петок или од сабота до понеделник, ви препорачуваме да останете во градот Ибица.
- Фигеретас (Figueretas) ни е омилено место за престој. Маалото е живо и одлично лоцирано. Променадата на плажата е украсена со ресторанчиња, а исто така е и добро место за разладување во Медитеранот и за уживање под шпанското сонце. Фигеретас е идеален избор ако сакате и плажа и градски живот во близина и одлична база за истражување на островот.
- Плаја ден Боса (Playa Den Bossa) е позната по долгата песочна плажа, големите клубови и живата атмосфера. Совршен избор е ако сакате да бидете близу до акцијата, со барови на плажа и ноќен живот директно до вашата врата (дури и ако не е полна сезона). Во Плаја ден Боса се наоѓаат и дискотеките Ушуаја и Хај - едни од најпознатите во светот, кои се навистина атракција и нудат врвно клубско доживување.
- Пристаништето (The Port) е една од највибрантните зони во градот. Тука можете да уживате во погледот на “марината” со јахтите, стилските ресторани и богатиот ноќен живот, а во исто време сте само неколку чекори до историското старо гратче.
- Таламанка (Talamanca) е потивко маало со плажа залепено до градот Ибица. Одлична е ако сакате да бидете близу до “дешавките”, а сепак да уживате во помирна атмосфера. Исто така Таламанка е многу блиску до Пача, еден од најлегендарните и сѐ уште најпопуларни дискотеки на Ибица и во светот.
- Стариот град Далт Вила (Dalt Vila) е прекрасен, но може да не е најзгоден за сите. Паркингот е ограничен, улиците се стрмни, може да биде преполн со луѓе (особено во врвна сезона), и може да се почувствувате малку небезбедно ако залутале надвор од главните улички. Ако преферирате покомотен престој, Стариот град можеби не е најдобриот избор.
Подолу ви препорачуваме неколку места каде што сме престојувале. Нивните веб страни или директен повик и разговор со нив се најдобра опција за резервација:
Hotel Cenit & Apartamentos Sol i Vent
Apartamentos Llobet Eivissa
Apartamentos Lido
Apartamentos y hoteles del grupo Vibra
Има многу апартмани и хотели од Vibra низ целиот остров: https://www.vibrahotels.com/ibiza
Можеме да го препорачеме овој: Apartamentos Vibra Jabeque Dreams
Ако сакате да претстојувате во друг град, проверете ја страницата Островот за повеќе информации.